Со назначениот состав, ракописот на Галев го води читателот низ лавиринт од концентрични кругови, откривајќи му слој по слој од биографијата на еден човек, слој по слој од историјата на еден народ. Вкрстувајќи разни видувања, согласни и противречни, тој ниже сложен мозаик, во кој светлирите и сенките се проникнуваат и доловуваат едно автентично битие, скраја од стереотипните црно бели структури на режимската историографија. Тоа битие е поставено во перспективата на стратегиите на геноцид, кои условуваат тешки искушенија, трагања, барање спас, фаќање за сламка или за жар, внатре; молење за поддршка кон надвор; на крај, очајничко меѓусебно раздирање.
За разлика од рeжимската историографија, која ја следеше перспективата на југословенската (т.е. српската) идеолошка опција, што условуваше слекција на „материјалот" во функција на сатанизација на ВМРО и на нејзиниот водич како на противници на политиката на српската асимилација, Галев ползува разни извори, од разни страни, од приврзаници и од противници, домашни и странски, и тоа на овој ракопис му дава карактер на контрапункт на (просрпската идеолошка интерпретација на Александров и на ВМРО. На тој план се случува најостро разијдување во врска со односот кон Бугарија: додека режимската историографија зрачи со шовинизам кон таа страна, во ракописот на Галев се посредува многу посложена структура од плусови и минуси во која е имплицирана и свест за еволуција, свест за единство и разлика.
Ракописот на Галев може да се смета за прилог на слободата на мислата, за прилог на еден теориски плурализам, и затоа е добро да се објави, независно од тоа дали, во целост или делумно, ќе се согласиме со него.